Во Дебар пет новозаразени со Ковид-19, тројца оздравени
Општинскиот Оперативен штаб во Дебар предупреди дека расте бројот на новозаразени лица со Ковид-19. Во последното деноноќие регистрирани се пет нови случаи, со што вкупниот број на заболени се зголеми на 185, од кои дури 134 се во втората фаза од болеста, односно од 5 јуни.
Со оздравените тројца во последното деноноќие, вкупно 62 лица ја добиле битката со опасниот вирус. Починаа шестмина, додека останатите се активни на болеста. Поголемиот број се со лесна форма на болеста, се лекуваат во домашни услови и се посетувани од нивните матични лекари.
Според општинскиот Оперативен штаб, кој состојбата и натаму ја оценува како многу сериозна, ширењето на вирусот е последица на високото ниво на непочитување на мерките за заштита од страна на граѓаните, како и деловните субјекти кои генерално не ги почитуваат работните протоколи, ниту работното време.
Од Штабот потврдуваат дека и натаму е голем бројот на граѓаните кои со симптоми на опасниот вирус се јавуваат во Општата болница во Дебар.
Полициската статистика, пак, за изминатото деноноќие бележи дека за неносење заштитна маска во Дебар на три лица им се издадени прекршочни платни налози.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа