Локалните власти и ЈКП „Бошава“ од Демир Капија воведоа целосна забрана за пиење и подготовка на храна со водата од градскиот водовод. Одлуката е донесена откако лабораториските анализи на примероците земени во понеделник и вторник од истото мерно место покажале меѓусебно спротивставени резултати.
Според информациите од комуналното претпријатие, добиените резултати од двете различни институции создале несигурност за квалитетот на водата:
„Анализата на примерокот земен во понеделник од страна на Институтот за јавно здравје – Скопје покажува дека водата не ги исполнува условите пропишани со Правилникот за вода за пиење. Од друга страна, анализата на примерокот земен во вторник од страна на Центарот за јавно здравје – Велес покажува дека водата ги исполнува условите согласно Правилникот за вода за пиење“, се наведува во соопштението.
Поради овие несовпаѓања во резултатите, надлежните најавија дека во понеделник ќе биде направена супер-анализа за да се утврди вистинската состојба.
Додека не бидат готови конечните резултати, воведувањето на мерката е задолжително:
„Затоа, водата од водоводот во Демир Капија се забранува за пиење и подготвување на храна! Забраната ќе важи до добивањето на конечните резултати од супер-анализата“, информираат од ЈКП „Бошава“ – Демир Капија.


