Најмалку три лица загинаа во денешните руски напади врз цели во Украина, додека украинските сили продолжија со напади врз руска инфраструктура.

Во напад со руски дронови во северниот дел на Украина загинаа 29-годишна жена и нејзиниот деветгодишен син, соопштија украинските власти. Во регионот Суми биле повредени уште четири лица, кои поради тешки изгореници биле пренесени во болница.

Началникот на регионалната воена управа на Суми, Олег Григоров, потврди дека повредените се хоспитализирани.

Во источниот регион Доњецк, во руски напад биле уништени шест ката од станбена зграда. Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, во нападот загинало едно лице, а 16 биле повредени.

На руски напади била изложена и железничката станица во украинското пристаниште Измаил, на југот на земјата. Според украинските власти, станицата се користи за транспорт на воен товар и гориво за украинските вооружени сили.

Зеленски изјави дека руските сили во текот на ноќта нападнале вкупно 12 украински региони.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили во Црното Море погодиле два влекача кои придружувале товарни бродови со западно вооружување наменето за Украина.

Украинските сили, пак, продолжија со нападите врз руска инфраструктура. Бил погоден комплексот на пристаништето Уст-Луга во Ленинградската област, северозападно од Москва, при што избувнал пожар, соопшти гувернерот Александар Дрозденко.

Уст-Луга е едно од најголемите руски пристаништа за извоз на нафта и гас и се наоѓа на повеќе од 800 километри од Украина.

Киев извршил и уште еден напад врз објекти поврзани со компанијата „Вајлдберис“, најголемиот руски онлајн-трговец. Украинските власти тврдат дека компанијата помага во снабдувањето на руската армија.

Exit mobile version