Зголемен број на пациенти со симптоми на труење е регистриран во Службата за итна медицинска помош во Кавадарци, откако граѓани побарале лекарска помош поради консумирање на велигденски јајца кои претходно биле варени за празникот.
Најсериозен беше случајот со две жени на возраст од 62 и 56 години, кои биле медицински третирани во Итната помош. Информацијата ја потврди д-р Антоан Паракеов, началник на Службата за итна медицинска помош во Кавадарци.
„Едната пациентка беше задржана на болничко одделение во кавадаречката болница за понатамошно следење, додека втората, по неколкучасовен медицински третман, сама изрази желба да си оди дома бидејќи состојбата ѝ се подобри“, изјави д-р Паракеов.
Лекарите укажуваат дека ова не е изолиран случај. Д-р Ратко Грков, кој исто така работел во текот на овие денови, потврди дека и во неговата смена имало пациенти кои се пожалиле на исти симптоми на труење, при што сите изјавиле дека претходно консумирале велигденски јајца.
Медицинските лица апелираат до населението да биде крајно внимателно при консумирањето на храна што стоела подолго време, со цел да се избегнат несакани здравствени последици.


