Внимавајте - една грешка многумина прават при употреба на заштитна маска
Деновиве е актуелно истражувањето кое го направиле научниците од универзитетот во Хонгконг, а кое покажува дека употребата на маски во голема мера го намалува ширењето на коронавирусот, пренесува Фактор.
Тие поставиле кафез со хрчаци кои претходно биле заразени со коронавирус, покрај кафез со здрави глодари. Помеѓу двата кафези биле поставени хируршки маски, при што воздухот циркулирал од кафезот во кои биле сместени болните животни кон кафезот во кои биле здравите хрчаци.
Резултатите покажале дека преносот на вирусот бил намален за повеќе од 60 отсто кога маските биле на место.
Додека трае пандемијата на коронавирусот, низ улиците може да се забележат многу граѓани кои со заштитната маска ја покриле само устата, но не и носот.
Од Институтот за јавно здравје велат дека ако сакаме да се заштитиме од опасниот вирус, мора да обрнеме внимание на правилната употреба на маската.
„Постојат правила за носење на заштитни маски на лицето, со цел заштита од голем број заболувања, пред сѐ распираторни, меѓу кои и Ковид – 19 заболувањето. Едно од правилата е дека маската мора да ги покрива носот и устата за да има заштитна улога. На овој начин се превенира ширењето на респираторните секрети, кои ги исфрлаат заразените лица преку кивање, кашлање, викање, и слично и заразување на други луѓе. Маската може да го заштити и лицето кое ја носи од вдишување на причинители на заразни заболувања, кои се исфрлаат во воздухот од страна на инфицираните лица“, соопштуваат од Институтот за јавно здравје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа