Внатрешна контрола треба да утврди каде е грешката со изгубените пасоши

 

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во одговор на новинарско прашање за време на посетата на Дојран истакна дека внатрешна контрола на МВР треба да утврди каде е грешката зошто не се издаваат веќе изработените пасоши на граѓаните.

„Јас не спорам дека е зголемен бројот на пасошите што се подготвуваат, туку спорам дека има готови пасоши што се во управните служби и не се ставени на соодветно место и не им се дадени на граѓаните и тоа е недозволиво. Вие плаќате, МВР го изработува, експедиција го носи и кога треба да го земете, некој не ги наредил дали по соодветен број или во правилна просторија или сè што ќе утврди внатрешната контрола, тоа е недозволиво“, рече дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, во одговор на новинарско прашање за поднесетното барање од негова страна до внатрешната контрола на МВР за тоа зошто готовите пасоши не им се издаваат на граѓаните.

Додаде дека до него стигнуваат пораки, а тоа го кажа и народниот правобранител, дека човекот е фотографиран, пасошот е подготвен и е однесен во установатата од каде што треба да го подигне, но таму го нема.

„Значи, сега внатрешна контрола оди во одделот за персонализација, каде што се обработуваат пасошите и оттаму готовите документи експедицијата ги носи во управните служби. Ова појава е конкретно само за Скопје и кога граѓаните ќе отидат тој пасош да го подигнат на шалтерите – им го нема. Јас тоа барам, внатрешната контрола да утврди каде е тој пасош кој е испечатен и од експедиција однесен во МТВ, зошто го нема на шалтер. Имам сознанија од вчера и се потврдени од внатрешната контрола дека се најдени пасоши, кои ако требало да бидат ставени под буквата Б, се ставени под В. Тоа е еден од случаите, а натаму внатрешната контрола ќе испитува и ќе утврди зошто готовите пасоши не им се даваат на граѓаните, која е причината и каде е грешката“, рече Бојмацалиев.

Дополнителниот заменик-министер уверува дека се работи за сервис на граѓаните и тоа не е политиканство, а неговата борба е граѓаните да бидат услужени“, рече Бојмацалиев.

 
06.03.2024 - 15:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега