ВМРО-ДПМНЕ: УЈП и финансиска полиција дувло за рекет?
„Ковачевски и СДСМ знаат дека ќе доживеат дебакл, затоа институциите се распаѓаат, УЈП и Финансиска полиција дувло за рекет? Гледаме од препукувањата помеѓу Вилма Русковска и Арафат Муареми како полека ќе почне да излегува сето она што го правеле, сето она што го ставале под тепих и мислеле дека нема да се дознае“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Русковска и Муареми покажуваат како биле злоупотребувани институции, и тие обвинувања и индиции мора да имаат разрешница. Мора да се види како наместо борба против криминалот, тие го правеле?!
Муареми и другите институции во системот мора да кажат дали и ако да, зошто биле злоупотребувани истраги од страна на финансиската полиција за рекет?
Дали се отворани предмети за да се држат под закана од прогон луѓе или фирми, а потоа откако ги дисциплинирале ги ставале во фиока?
Русковска пак треба да каже зошто молчеле до сега и од кога знае за таквите наводи?
Одговорност мора да има, и овој случај мора да се изведе до крај.
Дека институциите се трули покажува и даночниот криминал од скоро 100 милиони евра, кој бил правен со фиктивни фактури, а кој УЈП го криеше од јавноста се додека ВМРО-ДПМНЕ не обелодени сомнежи за криминал.
Како доаѓа крајот на власта на СДСМ и ДУИ, така се повеќе излегуваат на површина нивните криминали. Ваквите случаи дополнително ќе бидат истражени по промената на власта и секој кој се огрешил пред законот ќе треба да одговара, а не да се крие зад поранешни функции или политички позиции. Законот ќе важи еднакво за сите“, стои во реакцијата на најголемата опозициска партија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа