Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше на денешниот потег на СДСМ да поднесе Предлог-закон за минимална плата од 600 евра. Од партијата велат дека опозицијата конечно ставила на хартија колку би чинела оваа мерка – околу 7,5 милијарди денари или 110 милиони евра – но критикуваат што во предлогот недостасува клучниот детал: од каде ќе се обезбедат тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, овој предлог е само потврда дека СДСМ имале капацитет да ја зголемат минималната плата и додека биле на власт, но „арамилакот им бил помил“.
Во реакцијата се прави споредба со наводните злоупотреби од претходната власт. „Да не дозволеа злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот и штетел на граѓаните, денес работниците ќе имале и повисоки минимални плата можеби од 700 евра“, се вели во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ заклучуваат дека приоритет на претходната коалиција СДС и ДУИ не биле работниците, туку полнењето на сопствените џебови.

