ВМРО-ДПМНЕ: СДС нема реализација на проектите во Струмица

„Во рамки на оваа акција, овие денови остваривме многу посети по населените места и направивме многу контакти со наште граѓани. Граѓаните имаат реални проекти и проблемите треба да се решаваат. Секако меѓу тие проблеми голем дел се и од здравствен карактер“, истакна претседателот на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Жан Дрвошанов, на денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица насловена „Политики за рестартирање на распаднатиот здравствен систем“.

Тој додаде дека постојано граѓаните се жалат дека немаат пари за лекување, операција, лекови, немаат термин за преглед и се жалат на лошиот здравствен систем. Очајот кај нив кој го осеќаме зборува за тоа колку ни е распаднат здравствениот систем.

„Како опозиција на локално ниво во Струмица инсистираме за реализација на ветените, а не реализирани проекти од СДС. Сите знаеме дека СДС пред сите избори ветуваат многу проекти, меѓутоа  никогаш ништо не реализираат“, кажа Дрвошанов.

Тој истакна дека од санитарна гледна точка нема што да се каже, бидејќи Струмица е постојано поплавена

„Знаеме дека уште во 2005-та година СДС ветуваше 3 булевари, експресен пат кон Ново Село, изградбата на патишта во населените места, проекти важни за нашите граѓани не само за безбедност во сообраќајот, туку и за полесен и побрз пристап на медицинските интервентни возила“, дециден е Дрвошанов.

Во текот на трибината свое образлагање имаше и градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов. Тој посочи дека во Општина Ново Село има доста предизвици и особено првата година од мандатот тргна тешко со кризата со електричната енергија, но и покрај предизвиците во изминатата година имаме изградено четири терени со повеќенаменски игралишта, се со цел нивно задржување во општината.

Тој додаде дека реконструирана е и спортската сала која за жал била оставена изминатите години.

„Од аспект на инфраструктурните проекти ланската година постигнавме најголемо ниво со мал буџет и успеавме да асфалтираме во сите населени места. Особено важен проект кој го имаме со Градоначалникот на Општина Босилово Ристо Манчев е поврзувањето на Колешино и Бориево затоа што треба да им помогнеме на земјоделците кои треба да пристапат до обработливите површини“, посочи Божинов.

Во текот на трибината свое образлагање имаше и градоначалникот на Општина Босилово Ристо Манчев. Тој истакна дека Општина Босилово ја наследиле во една исклучително тешка финансиска состојба со околу 400 илјади евра долг, 300 илјади евра долг на комуналното претпријатие и 100 илјади евра  долг на основните училишта.

Тој додаде дека во која област и да погледнеме можеме да кажеме дека во изминатите 18 месеци успеавме да реализираме бројни инвестиции.

„Во изминатите 18 месеци реализираме голем број проекти и мислам дека граѓаните тоа го гледаат секојдневно. Накратко ќе направам компарација и можам да кажам ако претходно за 4 години во Општина Босилово не беше изградено ниту едно спортско игралиште ние за 18 месеци изградивме 2 повеќенаменски спортски игралишта. Ако за 4 години не беше изградено ниту еден метар на водоводна мрежа, ние изградивме бунар со пумпна станица во населено место Дрвош и бунар со секундарна водоводна мрежа во Кичерлија“, изјави Манчев.

Во текот на трибината свое образлагање имаше и градоначалникот на Василево, Славе Андонов. Тој истакна наследиле долгови од околу 100 милиони денари и блокирана сметка од над 15 милиони денари. Тоа е преголема вредност кој се големи за Општина Василево и не можеше Општината да ги издржи во периодот кој го поминавме.

„Ние како Општина Василево јас и мојот тим во Општината направивме се заедно како прва цел си поставивме финансиски да ја стабилизираме општината, бидејќи општината беше доведена во состојба да не може да ги извршува основните обврски кои ги има согласно закон за локална самоуправа“, рече Андонов.

Андонов посочи дека покрај тоа што финансиски ја стабилизиравме општината реализиравме и голем број на проекти.

„Посебно во изминатиот период година и половина посветивме внимание на патната инфраструктура со историски најголема вредност вложени во патната инфраструктура и историски најмногу асфалтирани улици и патишта. 50 милиони денари не се мала сума имајќи предвид дека нашиот основен буџет е 65 милиони денари“, дециден е Андонов.

22.05.2023 - 18:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега