Во најновото соопштение до јавноста, ВМРО-ДПМНЕ реагира на критиките од СДСМ во врска со состојбата со откупот на винското грозје, потенцирајќи дека резултатите на терен „говореле доволно јасно“ и ја потврдувале успешноста на мерките на актуелната Влада.

Од партијата посочуваат дека токму во времето на СДСМ е донесена одредбата од Законот за вино, која дозволува винариите да кратат 8% од цената на грозјето, што според нив денес се користи како лажна основа за критики.

„За разлика од нив и нивните ‘ефикасни мерки’, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и МЗШВ овозможи оваа година повторно оспособување на системите за наводнување, кои беа оставени во катастрофална состојба“, се наведува во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, бенефитите од тие мерки веќе се чувствуваат, а откупот на винското грозје се одвива континуирано и организирано. Заклучно со 16 септември 2025 година, откупени се над 78 милиони килограми грозје.

„Исплатата на лозарите е гарантирана со државна поддршка, и нема да се дозволи ниту еден килограм грозје да остане неисплатен“, додаваат од партијата, најавувајќи дека Владата има механизми и капацитет за откуп и на преостанатите количини, со вклучување и на дополнителни винарии како „Вардар винарија“.

Во заклучок, ВМРО-ДПМНЕ порачува дека „денес лозарите гледаат иднина со оваа Влада – со усогласена откупна цена, сигурен откуп и навремена исплата“.

Leave A Reply

Exit mobile version