ВМРО-ДПМНЕ распали по Спасовски: Безбедносната состојба е нарушена, МВР со месеци не може да најде кој ги испраќа дојавите за бомби

Откако МВР објави дека дојавите за бомби што денеска ја кренаа цела Македонија на нозе, по оваа институција и нејзиниот раководител министерот Оливер Спасовски, распали ВМРО-ДПМНЕ, барајќи оставка од него.

„Безбедносната состојба во Македонија е нарушена. Алармантно е што секој ден имаме лажни дојави за бомби во јавни објекти, а МВР со месеци не може да најде кој ги испраќа.

Секој ден се нарушува училишниот час на илјадници ученици во скопските средни училишта, се вознемируваат учениците, наставниот персонал и родителите. Денес заради лажни дојави за бомби се предизвика паника и во шопинг молови, но јавни објекти како Железничката станица. Илјадници граѓани се во страв и под притисок секој ден“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не смее како НАТО членка да бидеме во постојан грч и страв од терористички активности, а власта да не е способна да го заштити населението и да го одржи јавниот ред и мир.

Одговорност за несправување со ситуацијата е во врвот на МВР. Оливер Спасовски ја има надлежноста како министер за внатрешни работи да го обезбеди јавниот ред и мир и да гарантира безбедност во рамки на државата. Спасовски не е способен да ја смири ситуацијата.

Што прави Спасовски два месеци и што е преземено? Зошто уште немаме ниту еден санкциониран и кој е планот за во иднина?

Власта мора итно да преземе мерки за враќање на безбедноста на ниво. А, Оливер Спасовски да си поднесе оставка веднаш. Безбедноста на граѓаните нема цена, а Оливер Спасовски ако не може да ја обезбеди доблесно е да си поднесе оставка“, додаваат оттаму.

09.12.2022 - 13:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега