ВМРО-ДПМНЕ на протест: Од коронавирус починаа 4.150 граѓани, тоа е како преку ноќ да го снема Крушево

Обвинувања за справувањето на власта со состојбата со коронавирусот и пораки за оставка на министерот за здравство, Венко Филипче и премиерот Зоран Заев, беа упатени од денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за здравство, под мотото „Да го измиеме срамот на Филипче“.

Опозицијата обвинува дека лошото менаџирање на власта предизвикало рекордна смртност од 4.108 луѓе како последица на Ковид, аргументирајќи дека според вчерашниот извештај на „Економист“, Македонија са наоѓа на трето место по смртност во светот.

„Општите болници низ Македонија се полни, немаат основни медицински средства, се сликате позерски на донирани вакцини и опрема, бидејќи не сте способни да набавите, а преживуваат само оние граѓани кои имаат да платат“, му порача пратеничката Ели Панова на министерот Филипче.

Говорниците на протестот посочија кон лице кое од просториите на Минситерството за здравство го снимало собирот.

„Горе десно има човек кој што ја снима толпата која што протестира, видете што им е приоритет, наместо да се растрчаат по светот и по Европа за да обезбедат вакцини за македонскиот народ. До денеска до овој момент имаме загубено 4.150 граѓани на Република Македонија. Тоа е како преку ноќ да го снема Крушево, Вевчани, некои помали градови. А, она што е најтрагично е што таа стапка не се намалува. Па можеме да видиме секој ден по социјалните медиуми дека некој бара помош за да се лекува, да се собираат донации, луѓето се почесто ни кажуваат дека не сакаат да ги отворат социјалните медиуми заради тоа што личат на некролози. Приморани сме поради овие неспособни луѓе секој ден да се збогуваме од наши блиски роднини и пријатели“, нагласи Стојаноски.

Тој ги повика премиерот Зоран Заев и министерот, Венко Филипче да си дадат оставка.

На протестот се обрати и претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов кој истакна дека Македонија веќе го поминала италијанското сценарио во смртност на граѓани на популација од 1 милион жители, додека министерот за здравство се вози со мотори и хеликоптери.

Протестот е во организација на Градскиот Комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.04.2021 - 12:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега