Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение жестоко реагираше на прес-конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Од партијата упатија остри лични критики кон него, обвинувајќи го дека поради кризата на Блискиот Исток не може да патува на луксузни дестинации, па затоа секојдневно држи прес-конференции.
„Откако се случи конфликтот во Блискиот Исток, Венко Филипче како да нема што да прави, па секојдневно на прес-конференции ја заменува Богданка Кузеска. До некаде разбирливо е за него, не може да оди во Дубаи да тера бизниси и луди журки со Харис Џиновиќ по елитни хотели, па сега глуми и партиски портпарол, божем многу загрижен за граѓаните и нивниот стандард“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата му порачаа на Филипче да не се грижи, бидејќи на чело на државата има посветена Влада која будно ја следи ситуацијата. Како аргумент посочија дека благодарение на веќе донесената мерка за намалување на ДДВ за нафтените деривати од 18% на 10%, Македонија во моментов има убедливо најниски цени на горивата во целиот регион.
ВМРО-ДПМНЕ најави и сосема нов пакет мерки кој стапува на сила веднаш.
„Од утре Владата ќе донесе одлука за намалување на акцизата за дизел горивата за 4 денари, додека за бензините за 2 денари по литар гориво“, откриваат од владејачката партија, додавајќи дека Министерството за финансии паралелно анализира целосно укинување на ДДВ (од 5% на 0%) за сите основни прехранбени производи.
Во однос на инфлацијата, од ВМРО-ДПМНЕ уверуваат дека состојбата активно се следи и очекуваат таа да се движи меѓу 4 и 5 проценти. Што се однесува до обвинувањата за минималната плата, тие го потсетија лидерот на опозицијата дека таа расте исклучиво согласно законот и методологијата што ја донесе токму претходната влада на СДСМ.

Exit mobile version