Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, упати сериозно предупредување околу иднината на пазарот на недвижности во главниот град. Според него, трендот граѓаните да се спротивставуваат на носењето нови детални урбанистички планови (ДУП) директно ќе предизвика астрономски скок на цените на становите во Скопје.
Тој проценува дека доколку не се овозможи планирана урбанизација и изградба на нови објекти, цената за метар квадратен наскоро може да ја надмине границата од 5.000 евра.
„Јас ви гарантирам дека доколку продолжи да не се носат детални урбанистички планови, цената во Скопје ќе биде над 5.000 евра метар квадратен. Лесно е сега некој што ме гледа да рече – нека си живеат во нивните градови, ама не сакаат да живеат, сакаат да живеат во Скопје“, изјави Николоски.
Вицепремиерот објасни дека побарувачката за живот во главниот град е реалност која не може да се игнорира, а ограничувањето на понудата на нови станови ќе доведе до сериозна социјална раслоенст.
„Ако сакаат да живеат во Скопје и доаѓаат тука, ние мораме да имаме можност да имаат што да купат. Ако немаат што да купат, ќе купуваат овие кои ќе имаат најмногу пари, и тоа ќе го ништува животот на овие кои сега живеат во Скопје“, потенцираше тој.
За Николоски, урбанистичкото планирање не е само техничка или бирократска формалност, туку клучен економски механизам кој директно влијае врз пристапноста на становите за просечниот граѓанин, а со тоа и врз севкупниот квалитет на живот во државата.


