Во соопштение до јавноста, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека лидерот на СДС, Венко Филипче, нема капацитет да ја обедини сопствената партија, ниту да понуди визија за државата.
„Станува очигледно дека Венко Филипче нема капацитет да ја обедини сопствената партија, да ја реформира, а уште помалку да понуди визија за државата. Со освоени само 120 илјади гласа и 6 општини, партијата е во длабока политичка и организациска криза“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека во редовите на СДС под водство на Филипче постојат длабоки поделби и несогласувања меѓу највисоките структури во раководството, што, како што велат, го потврдува и одливот на кадри. „Искусни партиски членови и поранешни функционери се дистанцираат и заминуваат од СДС,“ се додава во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека од „Бихачка“ пристигнале информации според кои „познат доктор и поранешен градоначалник одбил функција во раководството на СДС поради сомнеж во лидерскиот капацитет на Филипче“.
„Филипче ја турка СДС во лидерска криза. Не ужива доверба и не е перципиран како лидер кој обединува. Симпатизери и членови на СДС не сакаат да бидат дел од раководните структури и се дистанцираат од партијата,“ стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според соопштението, Филипче „нема авторитет и не успева да ја мобилизира базата и да наметне јасно лидерство“, додека партиското раководство е „поделено, без јасна стратегија и без кохезија“.
„Со Филипче на чело, СДС станува се помалку релевантен фактор на политичката сцена. Доколку нема сериозни реформи и одговорно раководство, СДС ризикува целосно да ја изгуби политичката тежина,“ стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија порачаа дека „на Македонија и е неопходна силна и конструктивна опозиција која ќе биде коректор на власта“.

