Општина Дојран во изминатата година реализирала повеќе инфраструктурни и комунални проекти, со кои се подобруваат условите за живот на локалното население и се создаваат можности за развој на туризмот, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека меѓу позначајните активности е реконструкцијата на патната инфраструктура. Во Стар Дојран се реконструирани два километра од главниот регионален пат, додека во Нов Дојран се обновени уште 500 метри. Според ВМРО-ДПМНЕ, со овие зафати се подобруваат безбедноста и пристапноста за жителите и посетителите.

Активности се спроведени и на водоводната мрежа. Во Нов Дојран се реконструирани 750 метри водовод, а навременото откривање и санирање на дефектите придонело за посигурно водоснабдување, особено во Стар Дојран и неговите повисоки делови во летниот период.

Како значаен чекор за заштита на природното богатство, од ВМРО-ДПМНЕ го издвојуваат и ставањето во функција на хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“. Проектот е насочен кон подобрување на условите за зачувување на езерскиот екосистем.

Покрај инфраструктурните инвестиции, општината работи и на подобрување на комуналните услуги, одржување на јавната чистота, развој на спортот и туризмот, како и поддршка на семејствата. Во оваа насока, од партијата наведуваат дека е зголемена финансиската помош за првачињата и новороденчињата.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека инвестициите во патната и водоводната инфраструктура, заедно со мерките за поддршка на семејствата и заштита на езерото, се дел од активностите за подобрување на животниот стандард и развој на Дојран како туристичка дестинација.

Exit mobile version