ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на изјавите на поранешниот министер за здравство и претседател на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за, како што велат, „лажна загриженост“ за здравјето на граѓаните, и повикаа тој конечно да преземе одговорност за катастрофите кои се случиле во неговиот мандат.

„Филипче наместо да глуми лажна загриженост, треба да излезе пред граѓаните и да се извини за здравствениот систем во хаос, за жртвите во ковид-кризата, за недостигот на опрема и за трагедијата во модуларната болница во Тетово“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија го обвинија Филипче дека како министер не успеал да обезбеди ни основни услови за функционирање на болниците, како што е кислород за пациентите, со што, како што велат, директно ја загрозил безбедноста и животите на граѓаните.

„Каде беше Филипче кога избувна пожарот во модуларната болница во Тетово? Зошто тогаш не побара одговорност од никого?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Филипче треба да понесе одговорност и за здравствени, и за еколошки, и за – како што го нарекоа – „национални порази“ на државата.

Во однос на неодамнешниот пожар во депонијата во Трубарево, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека денешните институции реагираат одговорно и дека надлежните органи спроведуваат истрага за причините за настанот.

„Вистинската опасност за здравјето и безбедноста на граѓаните се СДС и ДУИ“, се наведува во соопштението.

Leave A Reply

Exit mobile version