ВМРО-ДПМНЕ бара оставки во Советот на јавни обвинители
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки и ова тело да се распушти имајќи ги предвид довербата во правосудството од 2 отсто и работата на Советот. Тие негативно го оценија Годишниот извештај за работата на Советот на јавни обвинители за 2023, особено критикувајќи го делот во кој се наведува дека Советот постигнал „значителни резултати во работењето„ и дека „позитивно се оценети извештаите од сите јавни обвинителства“. Извештајот и работата на Советот на јавните обвинители го критикуваа и пратениците од Коалицијата Вреди.
Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата за политички систем и односи со заедниците, се обрати кон претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска, велејќи дека огромното мнозинство граѓани очекуваат оставки од членовите на ова тело и оти срамно е на ваков рејтинг во правосудството никој да не поднесе оставка.
-Немате авторитет и капацитет да воспоставите јавнообвинителски систем, рече Пренџов, најавувајќи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ негативно ќе го оцени нивниот Годишен извештај.
Антонио Милошоски посочи дека има и политичка одговорност во однос на кадрите во правосудството потсетувајќи на случајот на со Изет Меџити, кој поднесе оставка, откако беше осомничен во случај со подмитуање. За Мемети, кажа Милошоски, да стане член на Советот на јавни обвинители се гласаше во Собранието со 61 глас. Се чудевме, рече тој, зошто најмалку на десет дена доаѓаше да се консултира со поранешниот претседател на Собранието Тачат Џафери. Потсети дека Мемети беше 16 години Народен правобранител, а бил и министер за правда и адвокат.
-Видовме со што се занимавал. Со продажба на правда за пари, рече Милошоски.
Пратеникот рече дека е неоправдано молчењето на обвинителите доколку се сомневаат во некој нивен колега, ниту пак дека е срамно да се поднесе оставка, која не мора да значи признавање вина, туку аларм или коректив нешто да се промени.
Беким Ќоку од Коалицијата Вреди исто така кажа дека нема да дадат зелено светло за Извештајот на Советот на јавни обвинители, поставувајќи низа прашања поврзани со случаи во кои се инволвирани членови на Демократската унија за интерграции, како струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, но и други.
Претседателката на Советот на јавниот обвинител Димитриевска го презентрираше извештајот посочувајќи дека има недостаток на обвинители и оценувајќи дека се постигнати значителни резултати во работењето. Исто така таму се наведени и случаи во кои тие постапувале.
Меѓу другото, таа рече дека Советот на јавни обвинители нема овластување да врши директен и непосреден надзор во постапувањето на јавните обвинители во јавните обвинителства, туку дека тоа е исклучива надлежност на повисоките јавни обвинителства.
-Оценувањето на квалитетот и законитоста во работењето на јавните обвинители го врши Јавниот обвинител на соодветното јавно обвинителство, а Советот одлучува по вложениот приговор на добиената оцена, што значи дека Советот одлучува по вложениот приговор на добиената оцена, што значи дека Советот, исто како и во дисциплинските постапки, и во овој случај постапува како второстепен орган по вложените жалби, истакна Димитриевска.
Советот на јавни обвинители, како што истакна таа, смета дека е потребно да се извршат одредени измени и дополнувања во Законот за јавното обвинителство и во Законот за Советот на јавните обвинители, во насока да се даде поголема автономија на Советот во однос на следењето на работата на јавните обвинители, во смисла на законитоста и ажурноста на нивното постапување, без притоа да се наруши самостојноста и независноста на секој јавен обвинител во делот на донесувањето на јавно обвинителските одлуки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа