Венко Филипче конечно прозборе за сомнежи за сериозни злоупотреби во редовите на СДС. Филипче изнесе сомнежи поврзани со пратеничката Славјанка Петровска, поранешен министер за одбрана и дел од Платформата 12.05, околу набавката на хеликоптери и договор за кој, според неговите јавни наводи, постоела разлика од дури 37 милиони евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Ова се наводи за сериозни финансиски средства и затоа Филипче има обврска пред граѓаните да одговори: Од кога ги знае овие информации? Зошто молчел досега? Кои документи и докази ги поседува? Кој го потпишал договорот и врз основа на што? Ако Филипче навистина располага со информации за сомнежи за криминал, тогаш нема простор за селективност, калкулации или меѓупартиски пресметки. Нека ги достави информациите до надлежните институции и нека ги презентира пред обвинител. Јавното обвинителство, согласно своите надлежности, треба да ги провери наводите и да утврди дали постојат основи за постапување, се наведува во соопштението на владејачката партија.
Ако Филипче знае за овој случај и има информации за други вакви случаи, од ВМРО-ДПМНЕ го повикуваат да ги пријави.
-Затоа го повикуваме да не застанува на овој случај. Ако има информации или сомнежи за други незаконитости во СДС, нека ги објави и нека ги достави до надлежните институции. Граѓаните заслужуваат целосна транспарентност и одговорност за секој сомнителен договор, секој потрошен денар и секоја одлука со која можеби е оштетен јавниот интерес, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

