Пет години по оформувањето на предметот, ОЈО ГОКК предводено од Ислам Абази, аргат на Зоран Заев, Венко Филипче и Али Ахмети, донесе одлука да го затвори предметот за 19-те модуларни болници, велејќи дека не постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
-Потсетуваме дека предметот беше оформен на 10 септември 2021 година, непосредно по трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 наши сограѓани. Филипче и Заев, наместо да ги подобрат стандардите на болниците, тогашното Министерството за транспорт и врски, по предлог на владата, го менува Законот за градење по итна постапка, со цел овој тип на објекти да ги преместат во урбана опрема, за чие поставување и одобрение ќе издава Министерството за здравство или, Венко Филипче како тогашен министер. Ова значи дека Венко Филипче носи директна одговорност за поставувањето на модуларните болници, и секако и за трагедијата што се случи во Тетово, велат од владејачката партија.
Додаваат дека дополнително, Филипче не потпишал минимум технички спецификации, ниту пак направил елаборат за електрична енергија, со што е директен виновник за пожарот на 8 септември, а исто така, не смееме да заборавиме дека објектот во Тетово бил поставен директно над резервоар на бензиска станица.
-Особено загрижува фактот што предметот со години фаќал прашина, прво во фиоката на Вилма Рускоска, потоа во таа на Елизабета Јосифовска, двете обвинителки од поранешното криминално СЈО, за на крај, токму ОЈО ГОКК предводено од слугата на СДС и ДУИ, Абази да донесе одлука дека нема основ за кривично гонење. И тоа, на само месец дена од заминување од челната позиција во обвинителство, Абази си ги одработува последните нарачки за заштита на своите шефови и спас на Венко Филипче од кривичен прогон. Но, затворањето на предметот не значи дека вистината е засекогаш затворена, може да се случи да се појават нови докази и постапката може повторно да биде отворена, велат тие.
Во партиското соопштение стои дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да инсистира на целосно расчистување на трагедијата во Тетово и на одговорност за сите кои направиле пропусти или злоупотреби, затоа што правдата за 14-те загинати не смее да остане во фиока.


