ВМРО-ДПМНЕ: 1090 проекти за 100 дена – нема отчет од СДСМ зашто нивните градоначалници немаат резултати

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ уверува дека градоначалниците од таа партија за 100 дена покажале дека со многу работа, труд и посветеност може да се донесат промени кои носат иднина.

Според партијата, за само 100 дена направени биле 1090 проекти. 

-За 100 дена се направени 1090 проекти од кои 166 капитални проекти, извршени се изградби и реконструкции на 206 улици и патишта, 33 градинки, 68 училишта, 111 водоводи и канализации, 96 паркови и игралишта, исчистени се над 200 диви депонии. Ова е значаен успех, уште повеќе ако се има предвид дека СДСМ остави зад себе задолжени општини. Градоначалниците на СДСМ оставија десетици милиони евра долгови, а патем ништо не изградија во претходниот мандат. Напротив народните пари ги даваа преку наместени тендери во приватни фирми блиски до власта. Граѓаните денес може да направат јасна разлика, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ јавно и транспарентно одговараат за својата работа, а градоначалниците од СДСМ после 100 дена молчат за тоа што сработиле. Молкот во СДСМ е сосема разбирлив, СДСМ нема направено ништо, освен ако не се смета некој наместен тендер или зголемен долг, се вели во дописот од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ го повика премиерот Ковачевски да направи увид на тоа што сработеле градоначалниците од опозицијата.

-Ги повикуваме Ковачевски, СДСМ и нивните градоначалници да видат дека во Штип се реконструирани или се реконструираат 16 улици. Во Бутел и Ѓорче Петров на место на санираните депонии, ќе изникнат паркови, се реконструираат училишта и се отпочнува изградба на нови во Визбегово и Илинден, Во Виница и Кавадарци се работи на изградба на нови пазари, а во Жилче, Шемшово, Страчинци и Тркање има капитални инвестиции во канализационата инфраструктура. Во Битола и Гевгелија се инвестира во спортската инфраструктура, а речиси во секоја општина се градат нови детски и спортски игралишта. Овие и уште илјада други проекти покажуваат дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ работат да ја оправдаат довербата од граѓаните. СДСМ може да учат што значи отчетност, посветеност и работа во интерес на граѓаните, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

 

15.02.2022 - 08:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега