Коалицијата ВРЕДИ реагираше на денешното соопштение на Демократската унија за интеграција (ДУИ), во кое партијата побара распишување на предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека ДУИ победила на локалните избори.

Од ВРЕДИ порачуваат дека ставот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е „апсурден“ и дека реалните изборни резултати покажуваат спротивно.

„После пет дена, на Али Ахмети конечно му беа покажани резултатите од ‘референдумот’. И ете, тој излезе и рече дека победиле на локалните избори. Ова е апсурдно“, се наведува во реакцијата.

Според ВРЕДИ, победите на коалицијата ВЛЕН во повеќе општини јасно ја покажуваат волјата на гласачите:
„Победите на ВЛЕН во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино, Теарце и убедливото водство во Тетово, Боговиње, Дебар, Струга, Брвеница и Долнени се далеку поголеми од ‘победата’ во Пласница и Липково,“ стои во соопштението.

Од коалицијата додаваат дека ДУИ „и натаму ги доживува локалните избори како парламентарни“, затоа што, како што велат, „министерските позиции се единствената алатка за нивен политички опстанок“.

„Дваесет години политиката на Али Ахмети се градеше на два столба – власт и само власт,“ порачуваат од ВРЕДИ, додавајќи дека барањето за ветинг е „неискрено“, бидејќи, како што велат, „тоа одамна му го направи неговата сенка Артан нон грата Груби“.

Во реакцијата се поставува и прашањето дали лидерот на ДУИ е подготвен да се соочи со, како што велат, „слободниот глас на Албанците кои повеќе не се плашат од него“.

„Времето на Газиместан заврши. ВЛЕН е сегашноста. ДУИ е минатото,“ завршува соопштението на коалицијата ВРЕДИ.

Exit mobile version