Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и со поддршка од истражителите на Истражниот центар при обвинителството, вчера (6 ноември 2025) уапсиле пет лица осомничени за поткуп и противзаконито влијание.

Според соопштението од МВР, првоосомничениот Џ.Н. (77), управител на правно лице, се сомничи дека сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица – А.Ф. (44), Ј.К. (35) и Ф.Ф. (47) – како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а И.С. (57) се сомничи за продолжено кривично дело „примање поткуп“.

Истрагата покажала дека во периодот од февруари до ноември годинава, првоосомничениот во повеќе наврати, директно и преку посредници, му ветил подарок во вид на парични средства од значителна вредност на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Посредниците – меѓу кои, според МВР, имало даночен референт во УЈП и државен службеник од Министерството за земјоделство – го користеле своето влијание и службената положба за да го поттикнат директорот да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.

Иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите од Јавниот повик бр. 01/24 за користење средства од ИПАРД Програмата – мерка 3, директорот, по даденото ветување за подарок од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за доделување финансиски средства со компанијата.

При претрес е пронајден и одземен дел од договорените пари – 400 евра, како и поголема количина пари на други локации.

МВР соопшти дека по насоки на јавниот обвинител, се преземаат дополнителни истражни дејствија за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите инволвирани лица.

Exit mobile version