Влада даде зелено светло за набавката на лесни оклопни возила за Армијата, донација на САД

На предлог на Министерството за одбрана, Владата на денешната 12. седница ја разгледа и усвои Информација на доделување на Амандман број 5 (Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC  JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала, помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави и го утврди усогласениот текст на Амандманот.

Амандманот 5, како што е образложено, е во согласност со писмото за барање за конкретната набавка и претходните одлуки на Програмска и Управна група во Министерството за одбрана за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV. Финансиските средства не се на товар на буџетот на Министерството за одбрана, од причина што износот ќе се плати со користење финансиски средства од програмата FMF (Foreign Military Founds), коишто се донација од Владата на Соединетите Американски Држави.

-Со ова завршува првата фаза за опремување на Армијата и лесната пешадиска баталјонска група со лесни оклопни возила, како дел од проектот на Министерството за одбрана за набавка на лесни оклопни возила на тркала, којшто е предвиден  да се реализира во периодот од 2019 - 2027 година, како дел од Долгорочниот план за развој на одбранбените способности за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија и постигнување целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО, стои во соопштението од владината прес - служба. 

26.03.2024 - 22:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега