Вистинско чудо се случило на улицата Петрозаводскаја во Санкт Петербург, откако 37-годишниот Каируло Ибадулаев успеал да спаси петгодишно момче кое паднало од висина од 24 метри. Ибадулаев, работник од Узбекистан, го забележал малиот Саша на прозорецот од седмиот кат и веднаш застанал под зградата за да го ублажи падот.
Откако го фатил детето во прегратка, двајцата паднале во снегот, но херојот забележал дека момчето престанало да дише. Со брза реакција и масажа на градите, тој успеал да го врати Саша во живот пред да пристигнат итните служби.
„Тој си играше на прозорецот. Му викав да влезе внатре, но тој не ме слушна. Потоа падна. Го фатив, нозете ми се удрија и паднав со него… Беше јасно дека не дише. Почнав да му ги масирам градите и тогаш го слушнав како дише. После тоа, беше добро“, изјави Ибадулаев, кој поминал само со повреди на ребрата.
Додека траела драмата на тротоарот, мајката на момчето, позната инфлуенсерка со над 50.000 следбеници, наводно десет минути не ни знаела дека нејзиниот син паднал од прозорецот. Ибадулаев, кој во Русија дошол да заработи за своите четири деца, порача: „Ако детето е добро, и јас ќе бидам добро“.

