Вирусот на Западен Нил е потврден кај угинати сиви врани во Словенија, соопшти националниот ветеринарен институт, а пренесува новинската агенција СТА. Заразените птици се пронајдени во пошироката област на Љубљана и во блиското место Гросупље, додека од Управата за безбедност на храна, ветеринарство и заштита на растенијата информираат дека досега во текот на годината нема регистрирани случаи кај луѓе во земјата. Последниот пат вирусот кај птици во Словенија беше регистриран во 2024 година.

Овој вирус природно циркулира меѓу птиците, при што одредени видови како враните се особено подложни на инфекцијата, поради што болеста може брзо да се шири меѓу нив и да заврши со фатален исход. Преносот до животни и луѓе најчесто се врши преку каснување од заразен комарец.

Вирусот потекнува од Африка и за првпат е идентификуван во 1937 година во истоимената провинција во Уганда, додека во Европа се појавил во раните шеесетти години на минатиот век во Франција. Денес тој е присутен на пет континенти. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) соопшти дека само оваа година во Европа се регистрирани над 1.000 локално стекнати случаи, чиј број нагло пораснал во изминатите недели. Заболувањата досега се потврдени во Хрватска, Северна Македонија, Холандија, Италија, Шпанија, Белгија, Германија, Австрија, Грција, Швајцарија и Франција.

Според Националниот институт за јавно здравје на Словенија, повеќето заразени лица немаат никакви симптоми или пак развиваат благи знаци слични на грип, како што се треска, главоболка, болки во мускулите и замор. Сепак, во ретки случаи инфекцијата може да предизвика потешка форма на болеста која го зафаќа централниот нервен систем. Најголем број од инфекциите се забележани во периодот од средината на јули до крајот на септември.

Exit mobile version