ВИДЕО: "Затворениот" Мош работи и вечерва

 

Снимки направени од граѓани кои живеат во близина на кафулето „Мош“ во центарот на Скопје покажуваат дека работи и вечерва со гласна музика и со многу гости, откако од пазарна инспекција најавија дека поднеле кривична пријава против сопственикот поради непочитување на мерките за заштита од коронавирусот. Вчера во ова кафуле гостуваше српскиот пејач Владо Георгиев, а според снимките кои беа објавени на социјалните мрежи во кафулето имало премнову гужва и никој не ги почитувал мерките и протоколите за Ковид-19.
Сепак, Стојко Пауновски директор на Државниот пазарен инспекторат вели дека пазарните инспектори, според законските прописи, немаат надлежност да го затвораат угостителскиот локал ако не се почитуваат ковид-протоколите туку само да му поднесат кривична пријава и да добие парична казна.
„Нека размисат во Владата како понатаму, оти ние џабе контролираме и пишуваме записници кога локалите не можеме да ги затвориме. Газдите поминуваат само со парична казна од 4.000 евра, а за гостите кои не почитуваат протоколи нема никаква казна. Кафулето ‘Мош‘ има кривична пријава од минатата недела за непочитување протоколи. И вчера од концерот на Владо Георгиев е направен записник за повторно непочитување протоколи. Мора да се донесе итно законска измена за да можеме да постапуваме со затворање на локалите. Сега тоа може да го направиме само ако работат повеќе од дозволеното работно време“ вели директорот Пауновски.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.10.2020 - 22:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега