Рано утрово во клучната воздухопловна база на НАТО, Инџирлик, лоцирана во близина на турскиот град Адана, беше прогласена црвена тревога. Инцидентот се случил околу 3:25 часот по локално време, кога сирените за тревога ги разбудиле жителите на околните населени места.

Според информациите на турските медиуми, во базата каде што се стационирани американски трупи, сирените се огласувале пет минути, додека низ градот со часови се слушале возилата на безбедносните служби.

Снимки од граѓаните на социјалните мрежи

На социјалните мрежи веќе се појавија бројни снимки од граѓани на кои се гледа светлечки објект како го прелета небото. Се претпоставува дека станува збор за ракета насочена кон воениот објект, но официјална потврда за ова сè уште нема.

Продолжуваат тензиите со Иран

Овој инцидент доаѓа само четири дена откако воздушната одбрана на НАТО собори балистичка ракета во турскиот воздушен простор. Ова беше втор ваков случај за помалку од една недела.

„НАТО објави дека во понеделник е соборена втора балистичка ракета испукана од Иран, по што Турција го предупреди Техеран да не презема провокативни дејствија“, пренесуваат медиумите.

Како резултат на влошената безбедносна состојба, Вашингтон веќе донесе одлука за затворање на својот конзулат во Адана и упати апел до сите американски граѓани веднаш да ја напуштат југоисточна Турција.

Exit mobile version