Тројца лица загинаа, а тројца се повредени при уривање на надвозник во Сеул, соопштија јужнокорејските власти.

Несреќата се случила за време на демонтажа на стариот надвозник „Сеосомун“, кога дел од конструкцијата и скелето ненадејно се урнале врз работниците кои вршеле безбедносна инспекција.

Според првичните информации, на местото имало девет лица, меѓу кои инженери, надзорници и раководители на градилиштето. Дел од работниците паднале од височина од околу шест метри и останале затрупани под урнатините.

Јужнокорејските медиуми објавија дека конструкцијата се срушила само неколку минути по почетокот на инспекцијата, откако претходно биле забележани проблеми со стабилноста на надвозникот.

Меѓу загинатите има раководител на градилиштето, инженер и главен надзорник, додека повредените се пренесени во болница.

Властите отворија истрага за причините за несреќата, а дел од сообраќајот во центарот на Сеул беше привремено блокиран.

Exit mobile version