Уште во раните утрински часови, додека градот сè уште спиеше, беше реализирана втората авионска фаза од дезинсекцијата против возрасни форми на комарци на подрачјето на градот Скопје, информираше градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
„Оваа активност продолжува и утре, со реализација на третата фаза, согласно предвидената програма, законските одредби кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести, како и Елаборатот доставен од Центарот за јавно здравје.
Навремената дезинсекција е од исклучително значење за заштита на јавното здравје, превенција од ширење заразни болести и обезбедување побезбедна и поквалитетна животна средина за сите граѓани.
Токму навременото третирање е најважниот чекор во спречување на масовна појава на комарци во летниот период.
Во следниот период ќе бидат реализирани уште две фази од дезинсекцијата, кои ќе опфатат авионско прскање и прскање од земја, со цел целосна и ефикасна заштита на територијата на градот Скопје.
Продолжуваме со системски, навремени и одговорни активности за заштита на граѓаните“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.


