Земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала денеска ги погоди Филипините, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија, а најмалку две лица загинале.

Земјотресот оштети неколку училишта и една болница, предизвика прекин на електричната енергија, а жителите од крајбрежните области беа евакуирани. Очевидци изјавија дека виделе како се нишаат далноводите и дека луѓето истрчувале од своите домови, пренесува „Асошиејтед прес“.

Филипините и Индонезија издадоа предупредувања за цунами, јавува BBC. Епицентарот на земјотресот бил во отворено море, на длабочина од 10 километри и на околу 62 километри оддалеченост од брегот.

Пасифичкиот центар за предупредување од цунами соопшти дека се можни опасни бранови во радиус од 300 километри од епицентарот. Во крајбрежните области веќе започна евакуација на населението, особено на децата од училиштата. Локалните власти ги предупредија жителите да бидат во состојба на готовност и да се засолнат на повисоки терени.

Претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос, повика на евакуација во повеќе крајбрежни провинции, додека индонезиските власти соопштија дека досега немаат информации за материјална штета. Филипинската сеизмолошка агенција предупреди дека се очекуваат „бранови опасни по живот“. Брановите на цунамито можат да достигнат висина до три метри над вообичаеното ниво во делови од Филипините и до еден метар во Индонезија.

Exit mobile version