(ВИДЕО) Потпишан Договорот за 70 милиони евра грант од ЕУ за пречистителната станица во Скопје

Третирана вода со врвен квалитет, според европските стандарди и заштеда од протекување, ќе овозможи пречистителната станица во Скопје за чија изградба, денеска, со ЕУ грантот од 70 милиони евра, се заокружи финансиската рамка вредна над 200 милиони евра.

Договорот за грантот го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик претседателката на Европската инвестициска банка одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, во присуство на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Како што беше кажано, проектот ќе овозможи подобри услови за живот за околу 540 000 луѓе и е најголемиот досега кај нас во секторот животна средина. Имплементатори се Градот Скопје и ЈП „Водовоод и канализација“.

По денешното заокружување на финансиската рамка, останува уште да се завршат процесот на експропријација и урбанистичко-ппланската документација со Градот Скопје и Општина Гази Баба, како и да се потпишат договорите за градба и надзор од страна на ЈП „Водовод и канализација“.

- Овој проект е над сите политички интереси во земјава и императив ако сакаме да бидеме дел од европското семејство, но и уште една потврда за конкретната поддршка што и ја дава ЕУ на земјава, беше истакнато пред потпишувањето на Договорот.

-Токму денес, на Светскиот ден на водата, се обврзуваме да бидеме дел од промената која подразбира одговорен однос и заштита на водите. Конечно скопјани ќе ја добијат пречистителната станица која е од витално еколошко значење. Ова е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за натамошниот развој на земјата, а дека членството во ЕУ не значи само исполнување на критериумите и усогласување со законодатството, туку и конкретна помош за државата и конкретни придобивки за граѓаните. Ги носиме европските стандарди на живеење кај нас. Во чекор сме кон целта на зелената агенда на Западен Балкан, потенцира вицепремиерот Маричиќ. 

Како што рече министерот Бесими, грантот доаѓа во време кога финансиските пазари се значително скапи.

-За овие средства ниту треба да се задолжиме, ниту да платиме камата, а не треба ни да ги вратиме. Ова се пари за нашите граѓани, за 500 000 жители во градот Скопје. Ова е уште една потврда дека нашата европска иднина и членството во ЕУ не се само формален или политички процес, туку значат вистинско подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните и се јасен сигнал за поддршката што ни ја дава ЕУ, подвлече Бесими.

Министерката Шукова рече дека со изградбата на пречистителната станица, ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води во Скопје со што ќе се исполнат минималните барања од Директивата на ЕУ за третман на урбани отапдни води.

22.03.2023 - 14:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега