Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска најави дека се подготвуваат законски измени со цел привлекување нови инвеститори и развој на дигиталната инфраструктура во државата.
Николоски посочи дека во завршна фаза се измените на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, кои директно ќе ја олеснат и стимулираат изградбата на големи Дата центри.
Според неговите зборови, ваквите објекти се клучни за следење на глобалните технолошки трендови кои го трансформираат светот.
„Со развој на вештачката интелигенција и целосната револуција што му се случува на светот во насока на вештачка интелигенција, Дата центрите стануваат нивна неопходност и поддршка. Македонија тука треба да води паметна политика и да привлече инвеститори кои ќе инвестираат во големи Дата центри“, истакна Николоски.
Како директен бенефит од овие законски олеснувања за технолошкиот сектор, министерот најави отворање на нови работни места, прилив на свеж капитал и раст на бруто-домашниот производ (БДП).


