Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој е и актуелен заменик претседател на Владата и министер за транспорт, вели дека утрешната лидерска средба е доброволен чин и дека е иницирана од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за да се разговара за најкрупните прашања кои во моментот се во политичкиот фокус на државата.
– Мислам дека премиерот и ВМРО-ДПМНЕ покажаа една големина имајќи предвид дека имаме скоро двотретинско мнозинство во Собранието, една крајно комотна позиција која не е условена од било какви преговарања или договарања. Без разлика на тоа, решивме да иницираме лидерска средба за најкрупните прашања кои сметаме дека во моментот се во политичкиот фокус на државата. Ако направам споредба со едни други времиња во кои ВМРО-ДПМНЕ без разлика што беше во опозиција и имаше повеќе пратеници од СДСМ, само да се потсетиме како тогаш изгледаше тоа, воопшто не сакаа да комуницираат и се случуваа лидерски средби колку да се случат, изјави вечерва Николоски за централниот дневник на телевизија Сител.
За одвивањето на СДСМ да присуствува на лидерската средба, Николоски вели дека ако СДСМ сама сака да се изолира, тогаш ВМРО-ДПМНЕ не може ништо да стори.
– Тука има еден чуден момент во јавноста, а тоа е дека СДСМ станува Левица, а Левица станува СДСМ во смисла на тоа дека она што беше симбол на деструкција сега пополека го презема СДСМ. Видете, каков вординг користат, какви соопштенија лошо преведени од српски и после јасните барања по изборите за промена и мислам дека ќе стане јасно од каде доаѓа целата оваа деструкција, истакна Николоски.
Вели дека се подготвени на лидерската средба да разговараат за се и дека нема да отфрлат ниту една тема. – Дали ќе се договориме е комплетно друго прашање, вели Николоски.

