ВИДЕО: „Никогаш досега немало толку починати во еден ден“- Медицински работници од Аризона со емотивни сведоштва

Медицинските работници во американската сојузна држава Аризона се најдоа на првите линии во борбата против ковид-19. Аризона стана едно од светските жаришта на коронавирус.

Медицинска сестра на одделот за интензивна нега во Феникс рекла дека и` доаѓаат солзи на очите кога ќе се сети на сите оние луѓе кои починале од ковид-19 во нејзината болница. Медицинскиот персонал во главниот град на Аризона ги опишува преполните итни служби во кои пациентите се ставаат на респиратори додека чекаат слободно место на интензивна нега.

„ Се грижиме за лекарите кои се заразија, се грижиме за мајките. Минатата недела симнавме од апарат за одржување во живот 48-годишна мајка и стоев покрај нејзиниот 17-годишен син се додека таа не почина“ вели Ангела Мази, сестра во медицинскиот центар Тусон, каде се пополнети сите 20 кревети на интензивната нега, кои се одделени за пациентите со коронавирус.

На младите сестри најтешко им паѓа смртта на млади луѓе кои претходно биле здрави. На пример, многу тешко ги погодила смртта на 25-годишна жена која починала во Скотсдејл.

„ Нагло и` се влоши состојбата. Тоа беше многу емотивно. Една медицинска сестра воопшто не можеше да зборува за тоа“ раскажала сестрата Каролин Малони.

Во друг случај, жена во четириесетите години отишла на итна помош со симптоми на коронавирус, се тестирала и била испратена дома. Нејзиното семејство исто така се разболело и таа се вратила во болница кога и` се влошила состојбата. Наскоро завршила на интензивна нега. На почетокот одбивала да ја стават на респиратор.

„ Ми рече дека се плаши од интубација. Ме замоли да ја држам за рака и и` ветив дека ќе биде добро. Преживеа две ипол недели. Направивме се што можевме, а на крајот таа почина. Такви работи се случуваат постојано. Веќе нема смена во која некој не умира. Тоа е ужасно“ раскажува друга медицинска сестра.

Таа додала дека никогаш во животот не видела толку многу луѓе да умираат секој ден.

Болниците во државата Аризона сега се полни со пациенти, од кои некои се во критична состојба. Аризона вчера имаше над 66.000 потврдени случаи, во однос на нешто повеќе од 20.000 на 1 јуни. Секојдневно се пријавуваат повеќе илјади новозаразени, а досега починале 1535 луѓе, пренесува АП.

Пациентите на респиратори се ставаат во индуцирана кома додека машините дишат место нив. Тие се приклучени на повеќекратни инфузии. На одделот за интензивна нега можат да останат со недели или месеци.

Медицинските сестри имаат 12-часовна работна смена, носат заштитни одела, маски, ракавици и очила. Пациентите се отсечени од своите семејства, а неретко и од стварноста. Честопати се превртуваат на стомак за да им се олесни дишењето. Таа постапка им помага на пациентите, но е многу напорна задача за медицинските работници, понекогаш за тоа треба да се ангажираат шест до осум медицински сестри.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.06.2020 - 11:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега