Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска објави почеток на масовна акција за расчистување на јавните простори од бесправно изградени објекти.
Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање!, напиша на својот Фејсбук профил Ѓорѓиевски.
„Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки.
Јавните површини им припаѓаат на граѓаните.
Тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на ничиј личен интерес“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски нагласи дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на нашите сограѓани.
„Акцијата продолжува со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје!
Ова е процес во кој сите сме партнери.
Ги повикувам граѓаните на Скопје активно да се вклучат, да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор и да помогнат да изградиме град во кој владее ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Заедно градиме град каков што заслужуваме“, потенцираше Ѓорѓиевски.

