Портпаролот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати остри критики до лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, во врска со неговите ставови за евроинтегративниот процес.
Од партијата соопштија дека опозицискиот лидер со своите јавни настапи директно работи во полза на официјална Софија, занемарувајќи ги позитивните сигнали кои пристигнуваат од Брисел.
Манасиевски во своето излагање изнесе тешки политички квалификации на сметка на претседателот на СДСМ.
„Филипче секојдневно бара Уставни измени, дури повеќе и од Бугарите. Филипче испадна поголем Бугарин дури и од самите Бугари. На Филипче не му се слушаат пофалните зборови на Антонио Кошта во делот на Реформската агенда, како и добиените финансиски средства од Планот за раст, тој оди со главата во ѕид, работејќи во полза на бугарските власти и знае само за една реформа, а тоа е уставни измени.“
Во продолжение на прес-конференцијата, портпаролот направи ретроспектива на досегашните политики на социјалдемократите, обвинувајќи ги за носење на штетни одлуки низ историјата.
„СДС важи за партија којашто низ историјата на независна Македонија, водела исклучиво погубни политики во делот на евроинтегративниот процес на државата. Од промена на знаме, име, Устав, до денес барањата на Филипче за редефинирање на историјата, јазикот, културата и идентитетот.“
На крајот, Манасиевски ја реафирмираше партиската позиција на ВМРО-ДПМНЕ дека повеќе нема да се дозволат отстапки кои значат нарушување на македонските национални интереси.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи повеќе национални понижувања. Времето на отстапки и исполнување на туѓи агенди заврши.“


