Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција на портпаролот Валентин Манасиевски упати сериозни обвинувања до претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Од партијата тврдат дека опозицискиот лидер веќе две недели избегнува да го осуди говорот на бугарската министерка Петрова Чамова, во кој македонските граѓани беа наречени „северномакедонци“.
Според Манасиевски, ваквиот однос на Филипче покажува одобрување на политиките со кои се потчинува државата.
„Венко Филипче скоро две недели наоѓа изговори и не го осудува недостоинствениот говор на бугарската министерка Петрова Чамова која не нарече “северномакедонци”, Филипче дури и се гордее на тие успеси со кои ја потчинија државата пред останатите“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, од владејачката партија реагираат и на ставовите на членови на раководството на социјалдемократите поврзани со македонската историја.
„Венко Филипче не се огради ни од изјавите на неговиот член на ИО Рубин Земон кој за Гоце Делчев рече дека е мит и дека не направил ништо за Македонија“, потенцираше Манасиевски.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека со ваквото однесување, опозицијата им дава простор на бугарските власти за нови уцени кон земјава, под претпоставка дека во Македонија постои група политичари кои би ги исполниле нивните барања. Манасиевски јавно побара одговор за мотивите зад ваквиот став на лидерот на СДСМ.
„Филипче и натаму останува лојален кон Бугарија, од причини само него познати. Но, добро е да каже дека тие причини се уцена од група бугарски политичари поради неговото криминално минато со Зоран Заев“, додаде тој.
На крајот, од владејачката партија порачаа дека идентитетските прашања нема да бидат предмет на разговори.
„Филипче да престане со политиката на негирање на Македонија и да не води мекотелна политика. Македонија има своја историја, култура, идентитет и јазик, а ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи преговарање за овие теми“, заклучи Манасиевски.


