Со одржувањето на 11-от Форум на Јадранско-јонската иницијатива и Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (AII/EUSAIR) во Скопје, земјава официјално го заокружи едногодишното претседателство за периодот 2025–2026 година. На затворањето на овој настан се обрати министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Муцунски потсети дека мандатот беше започнат минатата година во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на ОН, каде што беа дефинирани клучните приоритети за соработка.
„Чест ми беше да се обратам на затворањето на претседателството, мандат што го започнавме во Њујорк, на маргините на 79-тото Генерално собрание на Обединетите нации, испраќајќи јасна порака дека овој регион верува во мултилатерализмот, кохезијата и заедничката европска иднина“, истакна Муцунски.
Тој додаде дека изминатата година поминала во знак на остварување конкретни цели за регионално поврзување, следејќи го утврдениот концепт на иницијативата.
„Денес можеме со сигурност да кажеме дека ова претседателство беше за континуитет, одговорност и резултати. Водени од мотото „Зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина“, посебен акцент ставивме на европската интеграција, регионалната поврзаност и посилната кохезија меѓу земјите од регионот“, порача министерот.
На крајот од своето обраќање, Муцунски потенцираше дека земјите од Јадранско-јонскиот басен споделуваат иста стратешка насока, нагласувајќи дека „нашиот регион не е поврзан само географски, туку и преку заеднички вредности, заедничка цел и заедничка европска амбиција“.


