Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за водење политика на штета на националните интереси.

Според Манасиевски, Филипче продолжува по патот на неговиот претходник Заев и е подготвен на нови отстапки.

„Пиунот на Радев, Венко Филипче, чекори по патот на Заев и е спремен за власт да потпише нови капитулации за Македонија и за македонскиот народ“, изјави Манасиевски.

Тој потсети дека за СДСМ не претставува проблем користењето на терминот „северномакедонци“, придавка која ја нарече навредлива и резултат на Преспанскиот договор.

Манасиевски реагираше и на изостанокот на осуда од страна на Филипче по изјавата на бугарската министерка Петрова Чамова.

„И после изјавата на министерката на Радев, Петрова Чамова, која не нарече „северномакедонци’’, Филипче и натаму вели дека не гледа никаков ризик, ниту загрозување на македонскиот идентитет. Згора на се, не ја осуди изјавата, ниту пак побара извинување“, истакна Манасиевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ упатија прашање до лидерот на опозицијата дали неговите настапи се резултат на одредени уцени.

„Овие недостоинствени настапи на Филипче се доказ дека станува збор за уценет човек, но треба јасно да каже, со што е уценет и зошто води политика на штета на Македонија и македонскиот народ?“, запраша членот на ЦК на партијата.

Exit mobile version