(ВИДЕО) Кузеска: Мицкоски е на потег, да одлучи дали е за ЕУ или за изолација

-Откако министрите од ДУИ поднесоа оставки, кои ќе се ефектуираат веднаш откако пратениците на ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени, сега на потег е Христијан Мицкоски, потенцираше на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. 
 
„Со претходно донесените одлуки на Централниот одбор на СДСМ, како и со последната одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ. Ставајќи го државниот пред партискиот интерес СДСМ и ДУИ покажуваат одговорност кон врвната стратешка цел, а тоа е европската иднина на земјата и сите наши граѓани. Уставните измени се влезени во собраниска процедура, јавно се објавени и откако нивната содржина е јавно достапна, никој, па вклучително и Мицкоски нема ништо против таквите измени“, изјави Кузеска.
 
„Сега, на потег е Христијан Мицкоски да докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец“, додаде портпаролката на владејачката партија.

Таа потенцираше дека членството во ЕУ е врвна стратешка цел на мнозинството граѓани, не е борба за власт туку борба за иднината на државата и од тоа СДСМ не отстапувала.
 
„Гласот за уставните измени е глас за Европа, за сигурна и стабилна иднина на нашиот народ и нашата држава.  Еве уште една шанса за Мицкоски и ДПМНЕ кои со глас за Европа во македонското Собрание можат да покажат дека навистина се за европската агенда, дека европската агенда е и македонска, наместо само да кочат и блокираат.
 
Мицкоски треба донесе одлука, пратениците на ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат. 
Мицкоски да ја искористи шансата и да одлучи: Глас за ЕУ или изолација“, изјави Кузеска.
31.07.2023 - 11:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега