Портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека свесно ја жртвува иднината на државата.

Според неа, со своите последни ставови Мицкоски потврдил дека ѝ кажува збогум на Европа и избира Македонија со децении да чека заглавена во изолација додека регионот напредува. Кузеска истакна дека зад ваквата политика стои страв од европските стандарди и владеењето на правото.

„Мицкоски призна дека тој и неговата криминална организација ВМРО, не сакаат Македонија да биде членка на Европската Унија. Не затоа што не веруваат во Европа, туку затоа што се плашат од тоа што Европа го носи: независно судство, европско јавно обвинителство и одговорност за сите оние што ја ограбиле и ја уништиле државата“, изјави таа.

Портпаролката на опозициската партија посочи дека влезот во ЕУ би значел крај за партиските тендери, милионските зделки со блиски фирми и злоупотребата на буџетските пари, што според неа е главната причина за бегството од одговорност на актуелната власт. Таа потенцираше дека највисоката цена за ова заложништво ја плаќаат младите кои се принудени да се иселуваат. Кузеска потсети на изборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека Мицкоски дошол на власт со лаги за името, Преспанскиот договор и националните интереси, кои биле само средство за моќ, додека денес се бараат изговори за да се избегнат реалните реформи.

Спротивно на политиките на Владата, Кузеска подвлече дека македонскиот народ јасно сака достоинствен живот во европска држава, каде ЕУ носи подобар стандард, економски развој, странски инвестиции и квалитетно образование за студентите да напредуваат дома. Таа предупреди дека Мицкоски ќе ја држи земјата во изолација сè додека може да се задолжува, но дека набрзо ќе бара алиби за да се врати на старата реторика.

„Мицкоски трага по алиби. Потребно му е за да продолжи со своите лаги. Не може да признае дека ја уништил економијата на земјата. Не може да признае дека нема излез, па ќе се врати на старата националистичка кампања за ‘патриоти’ и ‘предавници’. Само што овој пат народот знае, воопшто не е наивен. Народот ќе победи. Европска Македонија ќе победи“, порача на крајот Богданка Кузеска.

Exit mobile version