(ВИДЕО) Грковска најави законски измени за санкциите од САД да можат да се применат и во Македонија

Преку законски измени Владата ќе бара правен механизам за спроведување на санкциите од црната листа на Соединетите Американски Дражви. Вицепремиерката за добро владеење Грковска во Тема на денот на Сител откри дека измените во легислативата ќе овоможат санкциите од САД да можат да се применат и во Македонија и субјектите кои се опфатени да подлежат на санкции согласно нашето законодавство.

-Сметаме дека оние лица коишто се на листата на санкции на САД, на ЕУ и на ООН, едноставно не смеат да бидат вработени во администрацијата, ниту смее да им се даде можност на било каква позиција заради тоа што тоа не е примерот којшто би сакале да го даваме во општеството.

-И покрај желбите на партиите?

-И покрај желбите на партиите. Значи, тоа да биде облигаторно во Закон. Исто така, доколку некој функционер којшто во моментот е на позиција, а за кој ќе биде изречена таква санкција, веднаш да му се прекине мандатот без разлика на која власт припаѓа, и на правосудството, рече Грковска.

Кабинетот на вицепремиерката веќе го задолжил Министерството за правда да достави предлог за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки.

Сител дојде до насоките од кабинетот на Грковска.

„Рестриктивни мерки во смисла на овој закон се мерките кои имаат за цел одржување на меѓународниот мир, безбедноста, почитувањето на човековите права и основните слободи и развојот на демократијата и владеењето на правото, борбата против корупцијата, организираниот криминал и тероризмот кои се воведуваат, изменуваат или престануваат врз основа на:

 а) правно обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации;

б) правни акти на Европската Унија;

в) правните акти на Соединетите Американски  Држави.

г) правни акти на други меѓународни организации во кои членува Република Македонија во согласност со меѓународното право;

д) барање од надлежен орган на друга држава за воведување, изменување или престанување на важење на финансиски мерки против тероризам и/или пролиферација или

 ѓ) други акти согласно со овој закон.“.

23.11.2023 - 21:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега