Алармантна состојбата за условите во еден од студентските домови во Македонија. Видео-снимка, која повеќе студенти ја испратиле до „Студентарија“, покажува како глувци се движат по таванот на тоалет во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје.

Снимката, како што се наведува, уште еднаш го отвора прашањето за условите во кои живеат студентите, по серијата извештаи и фотографии за нехигиена и лоши услови кои пристигнуваа и од други студентски домови во изминатиот период.

Според тврдењата на студентите, проблемот бил веднаш пријавен кај службите во домот. Меѓутоа, наместо соодветна интервенција и дератизација, тие наишле на несоодветен и омаловажувачки одговор.

„’Од глувци ли се плашите?’, бил одговорот што го добиле студентите од службите во домот откако пријавиле дека во тоалетот им се наоѓаат група глувци,“ се вели во објавата.

Дури по повторно поднесените жалби, според студентите, службите им дале „решение“ – им бил предаден отров, со објаснување дека самите треба да го постават во просториите каде што се движат глувците.

Настанот повторно го актуелизира прашањето за студентскиот стандард и грижата на институциите за младите кои живеат во домовите во Скопје и низ државата – простори што треба да обезбедуваат достоинствени и безбедни услови за живеење, а не сцени што потсетуваат на запуштени подруми. објави Скопје1.мк

ВИДЕОТО од тоа како се шетаат глувци погледнете го ОВДЕ

Exit mobile version