Со запалени свеќи и во тивка, достоинствена атмосфера, попладнево во Кочани се одржа мирен собир под мотото „Два града – иста болка“. Граѓани од различни генерации се собраа за да изразат сочувство и солидарност со семејствата на жртвите од трагедијата во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана.
На собирот присуствуваа и родители на децата кои ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие порачаа дека длабоко ја разбираат болката и празнината што ја остава ваквата загуба, истакнувајќи дека тишината понекогаш зборува погласно од зборовите. Во своето обраќање упатија апел за солидарност и човечко сочувство со семејствата погодени од трагедијата во Швајцарија.
Во знак на почит кон згаснатите животи, присутните пуштија 40 бели балони кон небото, како симбол на младоста што прерано згасна.

