(ВИДЕО) Дендиас: Преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да почнат веднаш

Грција работи засилено за обезбедување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот. Верувам дека единствениот пат за да се постигнат тие цели претставува јасна и целосна поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан. Сигурни сме и длабоко веруваме дека преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да почнат веднаш, изјави попладнево шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Дендиас нагласи дека јасно даваат поддршка за европската перспектива на Северна Македонија и оти неговата посета на Скопје е за да покаже оти се „заедно со нас по патот кон Европа“.

– Сметаме дека сме ваш близок сојузник, ќе дадеме соодветни напори да се унапредат односите меѓу нашите земји на билатерално ниво и тоа се поддржува и од Акцискиот план кој е усвоен на првиот највисок Совет за соработка, рече Дендиас, потенцирајќи дека Грција е насочена кон верно и правилно спроведување на Договорот од Преспа.

Најави дека има голем интерес на голема грчка компанија да инвестира во Северна Македонија, а се однесува на станица за производство на електрична енергија, инвестиција вредна 200 милиони евра.

– Ме радува фактот дека нашата економија соработува се поблиску и посилно, а веќе сме ги допреле нивоата пред пандемијата и тоа за нас е големо задоволство да слушнеме дека грчката инвестиција е на многу високо ниво во вашата земја, посочи Дендиас.

25.05.2022 - 19:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега