Со концерти на популарна музика, вечерва во Вевчани започнува традиционалниот „Вевчански карневал 2026“. На отворањето ќе настапат рап-дуото „Пука козметика“, „Влатко Лозаноски бенд“ и „Брас брадрс“, со што официјално ќе започнат карневалските случувања.
Централната карневалска поворка ќе се одржи утре од 13 часот, кога во центарот на Вевчани ќе се сретнат карневалците од двете маала. Овој настан претставува кулминација на карневалот и традиционално привлекува голем број посетители.
Во утрешните вечерни часови, од 20 часот, програмата продолжува со концерти на фолк-музика. Пред публиката ќе настапат Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски, како и оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“. Музичката програма ќе заврши на полноќ со настап на Перо Бели и групата „Вип“, кои традиционално ќе ги испратат карневалците на вевчанските извори.
Вевчанскиот карневал, со традиција долга речиси 1.400 години, претставува уникатен спој на пагански обичаи, христијанска традиција и современа сатира. Тој има значајна социјална и културна улога и симболично го означува преминот од старата во новата година, како и потребата од прочистување, обновување и нов почеток.

