По повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, во Скопје се одржа промоцијата на Регионалниот феминистички туристички водич „Откривајќи ја нејзината историја“, проследена со промотивна тура низ неколку значајни локации од женската историја и културното наследство на градот.

Настанот започна на Фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк, од каде учесниците ја започнаа прошетката низ дел од локациите опфатени во Водичот, слушајќи ги приказните за жените и нивниот значаен придонес во општествениот, културниот и историскиот развој на нашата држава. Регионалниот водич „Откривајќи ја нејзината историја“ мапира и претставува значајни локации поврзани со женската историја во Скопје, Белград и Тирана, со цел да се понуди на младите простор да истражуваат, да ја запознаат својата историја и да го афирмираат придонесот на жените во јавниот и општествениот живот, да се залагаат за нивна видливост во јавниот простор.

Водичот е резултат на истражувачка и креативна работа на млади луѓе од Северна Македонија, Србија и Албанија, кои во изминатиот период, преку низа работилници, менторски сесии и истражувања, ги идентификуваа и разработија приказните поврзани со значајни жени, историски настани и места од културното наследство на трите главни градови. Истовремено, иницијативата ја нагласува и пошироката историска перспектива дека борбата за женските права и феминизмот не се увезени концепти, туку имаат длабоки корени и на овие простори. Во различни историски периоди, многу жени од регионот активно учествувале во политичкиот, образовниот, културниот и општествениот живот, придонесувајќи за развојот на општеството и за стекнувањето на правата што денес се сметаат за основни.

Многу од тие приказни, сепак, останале недоволно видливи или отсутни од јавниот простор и колективната меморија. Оттука, како што истакна раководителката на младинската програма во ХЕРА, Драгана Каровска Чемерска „Наша заедничка должност е да им оддадеме почит на овие жени и заедно со младите да создадеме видливи траги во јавниот простор кои ќе сведочат за нивното постоење и значење. Поставувањето меморијални обележја, информативни табли и други форми на јавно одбележување на локациите поврзани со женската историја претставува важен чекор кон препознавање и зачувување на ова наследство.

“Во таа насока, младите кои работеа на Водичот ги повикаа институциите на локално и национално ниво да се заложат за систематско идентификување и обележување на локациите поврзани со женското културно наследство, како и за поддршка на создавање образовни и културни содржини за младите. Овие содржини можат да се развиваат преку младинските центри, културните институции, музеите и образовните програми, со цел новите генерации да учат за жените во историјата и нивната улога во македонското општество.

„Со отворање простор за гласовите што историски биле исклучени и со градење дигитален архив на нивните искуства, создаваме феминизам што не остава никого зад себе. За мене, феминизмот значи да ја препознаеме вредноста на секој глас и да промовираме еднаквост во сите сфери на животот. Водичот ни служи како потсетник дека борбата за правата на жените и родовата еднаквост не е современа модна тенденција, туку долга и значајна историска задача што продолжува и денес.“ – истакна Марија Ѓорѓиевска, младинска активистка и дел од групата млади автори на Водичот.

Катерина Милошевска, исто така една од авторките, пак, истакна дека „Пишувањето на текстот за Пајонската свештеничка беше многу значајно искуство, бидејќи ми овозможи да ја доближам приказната за една жена од античкиот свет до денешната публика и да поттикнам размислување за улогата на жените во историјата.“

„Целиот проект беше навистина незаборавно и едукативно искуство кое на некој начин го смени мојот однос кон градот. При истражувањето научив нешта за сопствената историја на кои никогаш досега не сум обрнала внимание, и како резултат се чувствувам по зближена со моите женски предци и погорда на жените кои се избориле да го направат Скопје тоа што е денес, без разлика колку нивниот труд бил забележан или прославен.“ – изјави Мила Димитровска, една од младите авторки на Водичот.

Ирене Кетоф, аташе за соработка при Француската амбасада во Република Северна Македонија, изјави дека „станува збор за конкретен резултат од проектот BOOST, најголемата програма за поддршка на граѓанското општество во Западен Балкан финансирана од Француската агенција за развој (Agence Française de Développement). Токму преку вакви проекти се истакнува колку е важно е да се вреднува локалното наследство создадено од жени и за жените.“

Во рамки на промотивната тура во Скопје беа посетени четири локации од Водичот: Фонтаната „Лотос“, меморијалниот парк и основата на неодамна украдената биста на народната хероина Вера Јоциќ, скулптурата „Пајонска свештеничка“ на пешачкиот мост „Око“ и Паркот „Жена Борец“.

На секоја од овие локации, младите автори на Водичот ги презентираа резултатите од своето истражување и ги споделија приказните за жените и историските процеси поврзани со овие места, потенцирајќи ја нивната улога во создавањето на културниот и општествениот идентитет на градот. Од меморијалниот парк на Вера Јоциќ, младите гласно упатија барање за обновување на споменикот и покажување одговорност и грижа од страна на институциите.

Промотивната тура во Скопје е дел од регионалната промоција и тура што се реализира од 6 до 10 март во Тирана, Скопје и Белград, со цел да се промовира феминистичкото културно наследство, регионалната соработка и активната улога на младите во неговото истражување, интерпретација и афирмација.

Настанот се организираше во рамки на проектот „Откривајќи ја нејзината историја: Зајакнување на младите и зачувување на феминистичкото наследство“ (Uncovering HERstory: Empowering Youth and Preserving Feminist Heritage), имплементиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Center for Population Policies and Sustainable Development – IPPF Србија и ACPD Албанија, со поддршка од Европската асоцијација за локална демократија (ALDA), во рамки на BOOST програмата.

Exit mobile version