Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција предложи пакет економски мерки со цел да се ублажат последиците од растот на цените на горивата и очекуваното поскапување на основните производи.

Филипче оцени дека Владата не презема доволно мерки во услови на енергетска и економска криза предизвикана од случувањата на Блискиот Исток.

„Гледаме како изминатите денови Владата не презема буквално ништо во однос на кризата која се случува на Блискиот Исток. Нема дебата, нема анализа, нема подготовки“, изјави Филипче.

Тој посочи дека поскапувањето на горивата не е изненадување, имајќи предвид дека цената на нафтата на светските берзи во последниот месец пораснала за околу 60 проценти.

„Денеска сме соочени со поскапувања. Од утре цената на бензинот расте од 74,5 на 79,5 денари, а дизелот од 71 на 85,5 денари. Ова е резултат на војната во Иран и растот на цената на нафтата на светските берзи“, рече Филипче.

Тој оцени дека Владата требало да одржи повеќе вонредни седници за да го подготви системот за вакви ценовни шокови.

Според него, покачувањето на цените на горивата ќе предизвика и низа други поскапувања.

„Ќе поскапи струјата, ќе поскапат основните прехранбени производи. Тоа ќе биде ланец на настани кои ќе следат после поскапувањето на горивата“, изјави Филипче.

Како решение, СДСМ предлага намалување на стапката на ДДВ за сите енергенси од 18 на 5 проценти, намалување на акцизата за горивата за 4 денари по литар, како и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи.

„Овие мерки директно ќе ја намалат цената на горивата на бензинските пумпи и ќе помогнат да се амортизира евентуалниот скок на цените на храната“, изјави Филипче. објави Скопје1.мк

Exit mobile version