Владата на Велика Британија му забрани на американскиот рапер Канје Вест влез во земјата по реакциите за неговиот планиран настап на фестивалот „Вајерлес“ (Wireless) во Лондон. Одлуката на владата доведе до откажување на целиот фестивал – пренесуваат Би-би-си (BBC) и „Гардијан“ (The Guardian).
Раперот, кој сега се претставува под името Je, претходно требаше да биде на главен настап на тридневниот фестивал за ар-ен-би и рап-музика „Вајерлес“ во Лондон во јули. Министерството за внатрешни работи соопшти дека раперот вчера поднел барање за влез во земјата преку електронското овластување за патување (ETA). Познато е дека раперот имаше низа антисемитски и пронацистички изјави последниве години. Одлуката за одбивање на дозволата, се вели, е донесена врз основа на тоа дека неговото присуство би било штетно за јавното добро.
Организаторите додадоа дека на секој што купил влезница за фестивалот ќе му бидат вратени парите.
„Како и со секој фестивал ‘Вајерлес’, беа консултирани низа засегнати страни пред да се покани Je да настапи и во тоа време тоа не иницира никаква загриженост“, се вели во соопштението. – „Антисемитизмот во сите негови форми е одвратен“, се додава, имајќи ги предвид реакциите на еврејската заедница во Велика Британија во однос на расистичките испади на Је.
„Владата очигледно донесе правилна одлука. Првпат, кога вели дека антисемитизмот нема место во Велика Британија, таа ги поткрепи овие зборови со дела“, соопшти кампањата против антисемитизмот. Како што се додава, „некој што се фали дека заработил десетици милиони долари продавајќи маици со свастики и кој пред неколку месеци објави песна наречена ‘Хајл Хитлер’,“ очигледно нема да придонесе за јавното добро. – „’Вајерлес’ во својата очајна потрага по профит, ја бранеше поканата на Вест до самиот крај. Тоа е срамно, а неговите спонзори треба да продолжат да се држат настрана“, се истакнува.
Главниот спонзор на фестивалот, „Пепси“, објави дека одлучил да го повлече спонзорството на тридневниот настан.
Је, кој се извини во јануари за своето антисемитско однесување, претходно денес изјави дека би бил спремен да се сретне со еврејската заедница во земјата. Неговата пронацистичка песна и видеоспотот се тргнати од платформите за музика.

